Back to Blog

МАТТО со силно институционално претставување учествуваше на Меѓународниот форум за одржливост и конкурентност на Европската Унија

Стопанската комора на Македонија–Турција (МАТТО) учествуваше со силно институционално претставување на меѓународниот бизнис форум посветен на одржливоста, конкурентноста и економската трансформација на Европската Унија. Претседателот на Управниот одбор на МАТТО, Ајдован Адемовски, беше говорник на панел-дискусијата, додека почесниот претседател на МАТТО, Амбасадорот на Република Турција во Скопје, Н.Е. Фатих Улусој, Почесниот член – Трговското советништво при Амбасадата на Република Турција, како и членовите на Управниот одбор – Halkbank AD Skopje, TAV Македонија, Eurolink Осигурување и BİS Oil, активно учествуваа на форумот, претставувајќи ја економската соработка меѓу Турција и Северна Македонија на највисоко ниво.

Меѓународниот форум „Turning Sustainability into Competitiveness: Building Resilient Businesses in an Uncertain World“, организиран од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Стопанската комора на Северна Македонија и Канцеларијата на Обединетите Нации во Северна Македонија, ги обедини претставниците на Владата, институциите на Европската Унија, Обединетите Нации, меѓународните финансиски институции, националните и билатералните стопански комори и водечките компании од приватниот сектор. Форумот претставуваше една од најзначајните меѓународни економски платформи посветени на одржливиот развој, зелената транзиција и конкурентноста.

На отворањето на форумот учествуваа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, д-р Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, постојаната координаторка на Обединетите Нации, Рита Колумбија, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, како и претседателот на Eurochambres и поранешен министер за индустрија и трговија на Чешка, Владимир Длухи, кои ги презентираа европските политики за одржлив економски развој и конкурентност.

На форумот учествуваа и Стопанската комора на Северна Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, AmCham North Macedonia, Стопанската комора на Македонија–Турција (МАТТО), како и бројни национални и билатерални стопански комори, меѓународни организации, финансиски институции и претставници на бизнис-заедницата.

Во рамките на панелот „Стопански комори и одржливост“, претседателот на Управниот одбор на МАТТО Ајдован Адемовски беше панелист заедно со Владимир Длухи, Ѓорѓи Петрушев, Горан Ѓорѓиевски, Дурим Зекири и Јелена Арсова, при што се дискутираше за улогата на стопанските комори во процесот на зелената транзиција, одржливиот развој и зајакнувањето на европската конкурентност.

Во своето обраќање, Ајдован Адемовски истакна дека одржливоста денес повеќе не претставува само еколошка обврска, туку клучен фактор за конкурентноста на европските компании. Тој нагласи дека компаниите кои навремено ќе се усогласат со ESG стандардите, зелената транзиција и дигиталната економија ќе бидат најконкурентни на европските и глобалните пазари.

Тој потенцираше дека малите и средни претпријатија не можат самостојно да го реализираат овој процес и дека токму затоа современите стопански комори треба да прераснат во центри на услуги, обезбедувајќи практична поддршка за ESG известување, CBAM механизмот, пристап до ЕУ фондови, зелено финансирање, дигитални алатки, сертификација и поврзување со инвеститори и меѓународни партнери.

Претседателот Адемовски ги претстави и актуелните активности на МАТТО, нагласувајќи го проектот „Business with Integrity“, кој се реализира во партнерство со Фондацијата Конрад Аденауер, а има за цел да ги подготви компаниите за повисоки стандарди на корпоративно управување, деловен интегритет и учество во европски проекти и меѓународни тендери. Дополнително, тој ги претстави активностите поврзани со дигиталната платформа e-MATTO, проектите за вештачка интелигенција, зелени инвестиции и регионална економска соработка.

Во завршниот дел од своето обраќање Адемовски порача:

„Одржливоста не е трошок, туку инвестиција во иднината и новата конкурентска предност на компаниите. Стопанските комори треба да бидат двигатели на инвестициите, иновациите и одржливиот економски раст. Преку силна соработка помеѓу Eurochambres, националните и билатералните стопански комори и бизнис-заедницата можеме да изградиме поконкурентна, поотпорна и поодржлива европска економија.“

Во рамките на тематските работилници, членот на Управниот одбор на МАТТО и генерален директор на TAV Македонија, Неџат Курт, беше говорник на панелот „Иновации, дигитализација и зелени инвестиции“, каде ги презентираше искуствата на компанијата во областа на одржливата авијација и модернизацијата на инфраструктурата. Истовремено, членот на Управниот одбор на МАТТО и заменик-генерален директор на Halkbank AD Skopje, Драган Гонев, учествуваше како говорник на панелот „Одржливо финансирање и ESG инвестиции“, презентирајќи ги современите пристапи на банкарскиот сектор во финансирањето на зелената транзиција и поддршката на малите и средните претпријатија.

Претставниците на Eurolink Осигурување и BİS Oil, исто така членови на Управниот одбор на МАТТО, активно учествуваа на форумот, воспоставувајќи нови контакти со меѓународни институции, инвеститори и компании.

МАТТО ќе продолжи активно да ги поддржува своите членки во процесите на усогласување со европските стандарди, зелена и дигитална трансформација, како и да придонесува кон понатамошното продлабочување на економската и трговската соработка меѓу Република Турција и Република Северна Македонија преку активно учество на национални и меѓународни платформи.

Share this post

Back to Blog