Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски се сретна со бизнисмени – членови на МАТТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, ја посети Стопанската комора Македонија–Турција (МАТТО) и оствари средба со турски бизнисмени – членови на Комората. На средбата беа разгледани теми поврзани со економската дипломатија, поттикнувањето на извозот и продлабочувањето на трговските односи меѓу двете земји.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес ја посети Стопанската комора Македонија–Турција (МАТТО) и оствари средба со бизнисмени – членови на МАТТО. На состанокот, кој се одржа во просториите на МАТТО, присуствуваше и Почесниот Претседател на МАТТО и Амбасадор на Република Туркије во Скопје, Н.Е. Фатих Улусој.
Средбата беше организирана со цел зајакнување на меѓуинституционалната соработка и унапредување на трговските односи, при што министерот Муцунски и делегацијата што ја предводеше беа пречекани од претседателот на МАТТО, г. Ајдоган Адемоски, и членовите на Управниот одбор.
Во фокусот – ажурирање на Договорот за слободна трговија
Во своето воведно обраќање, претседателот на МАТТО, г. Ајдоган Адемоски, ги презентираше активностите и мисијата на Комората. Тој ја истакна важноста од ажурирање на Договорот за слободна трговија меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије, како клучен чекор за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Амбасадорот на Република Туркије во Скопје, Н.Е. Фатих Улусој, во своето обраќање нагласи дека Туркије, како и досега, ќе продолжи да ја поддржува економската и развојната стабилност на Северна Македонија. Тој посочи дека и покрај глобалните и регионалните предизвици, турската економија останува меѓу најбрзо растечките економии, и дека ќе се обезбеди целосна поддршка за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
„Компаниите со турски капитал ги сметаме за македонски компании“
Министерот Муцунски во своето обраќање ги претстави активностите на Министерството насочени кон јакнење на економската дипломатија, поттикнување на извозот и поддршка на компании со извозен потенцијал.
Тој исто така нагласи дека беше разменето мислење за унапредување на соработката меѓу стопанските комори и дипломатско-конзуларните претставништва, како и за конкретни иницијативи што можат да се реализираат во таа насока. На состанокот беа разгледани и можностите за понатамошно продлабочување на економските и трговските односи меѓу Република Туркије и Република Северна Македонија.
Одговарајќи на прашањата од бизнис-заедницата, министерот Муцунски истакна дека барањата се разгледуваат со позитивен пристап и нагласи дека компаниите со турски капитал кои работат во Северна Македонија се сметаат за македонски компании. Тој додаде дека ќе им биде обезбедена неопходна поддршка за нивен развој, особено во насока на извозно ориентирано работење.
Министерот Муцунски истакна и дека МАТТО има значајна улога не само во економскиот развој и трговијата, туку и преку реализација на проекти од општествена одговорност кои придонесуваат за пошироката заедница.
Настанот заврши со свечено врачување на плакета на министерот Муцунски од страна на претседателот на МАТТО, г. Ајдоган Адемоски, како признание за неговиот придонес во унапредувањето на трговските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије, по што следеше заедничко фотографирање.





















