Back to Blog

Придонес кон развојот на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово

Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO) денес во хотелот Double Tree by Hilton во Скопје, беше организатор и домаќин на трилетерален состанок со претставници од Стопанската комора на Косово – Турција (КТТО) и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ” од Косово. Настанот беше организиран со цел да се придонесе кон развојот на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово.

Претседателот на УО на MATTO, г-н Ајдован Адемоски посакувајќи им топло добредојде на гостите од Република Косово го истакна своето задоволство од досегашната соработка помеѓу трите земји која се заснова врз традиционално добрите односи со Република Турција и добрососедските односи со  Република Косово, но исто така укажа и на можностите за зголемување на соработката и трговската размена во следниот период, како и на напорите кои ги прави МАТТО во таа насока.

Според него, со реализацијата на проектот за изградба на автопатот до граничниот премин Блаце ќе се олесни и подобри трговската размена со Косово, која од почетокот на оваа година бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра. Но, овој обем на трговска размена може и треба повеќекратно да се зголеми, ако се сплотат бизнисмените и политичарите тоа може за брзо време да биде реалност, оцени претседателот на УО на MATTO, г-н Ајдован Адемоски.

За реализација на една од главните цели на комората, зголемувањето на трговската размена помеѓу Република Турција и Република Северна Македонија во висина од една милијарда долари до 2023 година, г-н Ајдован Адемоски го истакна силниот ангажман на Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO) за што поскоро потпишување на договорот за слободна трговија што ќе овозможи реализација на оваа стратешка цел и бенефит за двете држави.

На состанокот присуствуваа и имаа свои обраќања вицепремиерот за економски прашања на Република Северна Македонија, г-дин Фатмир Битиќи, министерот за регионален развој на Република Косово, г-н Фикрим Дамка, амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, г-дин Хасан Мехмет Секизкок и секретарот при Амбасадата на Република Косово во Република Северна Македонија, г-дин Фарук Битиќи, како и заменик претседателот на УО на Стопанска комора на Косово – Турција, г-дин Ахмет Демиркиран и претседателот на УО на Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ“ од Косово, г-дин Варис Џејлани.

Вицепремиерот за економски прашања на Република Северна Македонија, г-дин Фатмир Битиќи регионалната соработка на нашите земји ја оцени како есенцијално важна за понатамошниот напредок на економиите и општествата. Токму затоа, вицепремиерот го поздрави денешниот трилатерален состанок и даде своја поддршка за дијалогот да остане отворен и да се унапредува, истакнувајќи дека Република Турција е седми по вредност трговски партнер на нашата земја, додека Република Косово е рангирана како 10-ти најдобар трговски партнер на нашата земја.

Во своето обраќање, вицепремиерот за економски прашања на Република Северна Македонија, г-дин Фатмир Битиќи истакна дека пост ковид периодот е шанса да ја унапредиме уште повеќе нашата соработка, да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен, а не да создаваме меѓусебна конкуренција помеѓу земјите од Западен Балкан. Вицепремиерот нагласи дека растот на меѓусебната трговија, извозот и увозот меѓу трите земји покажува дека се враќаме на патеките на соработка пред пандемијата.

Косовскиот министер за регионален развој, г-дин Фикрим Дамка обраќајќи се на присутните ја истакна надежта дека денешната средба ќе придонесе кон подобрување на соработката меѓу трите земји, како и своето уверување дека преку оваа трилатерална средба уште повеќе ќе се зајакнат односите меѓу бизнисите. Тој посочи дека и во Косово турските инвестиции се рангирани меѓу најдобрите, но нагласи дека сепак се бара начин истите да се зголемат и подобрат. Како политичари тука сме за да ги отстраниме сите пречки кои ја попречуваат соработката помеѓу нашите земји, нагласи министерот Фикрим Дамка и додаде дека токму ваквите бизнис средбите како денешната се многу значајни бидејќи се вистинскиот начин за согледување на препреките и придонес кој поголем развој.

Амбасадорот на Република Труција, г-дин Мехмет Секизкок посочи дека турските компании во балканските земји реализираат низа обемни инфраструктурни инвестиции во разни сектори и посака денешната средба да го отвори патот кон подобра соработка на трите земји.

Со своите високо квалитетни инвестиции турските компании докажаа дека се баран и потребен партнер во сите краеви на Балканот. Турција е значаен инвеститор во Северна Македонија. Турските компании се присутни во разни сектори меѓу кои во банкарство, градежништво, осигурување, здравство, пропратна автомобилска индустрија, енергетика и образование со вкупна инвестициска сума од над 1,3 милијарди долари. Турските инвестиции создадоа и нови над 5.000 работни места, рече Секизкок и додаде дека преку ТИКА Турција ја поддржува земјава од осамостојувањето до денеска, а ќе продолжи тоа да го прави и во иднина.

Билатералната трговската размена, истакна, се зголеми за 46 отсто во споредба со минатата година што, како што рече, дава надеж дека во блиска иднина ќе ја постигнеме заеднички зацртаната цел размената да надмине една милијарда долари годишно.

Како земји со испреплетени социо-економски и културни структури кои ги споделуваат истиот регион неминовно треба заеднички да ја изградиме нашата иднина, а за таа цел треба да ги зајакнеме дијалогот, соработката и солидарноста. Слично како и денес и во иднина треба да продолжиме со заеднички заложби со цел економски да ги зајакнеме и развиеме нашите земји и народи, посочи Секизкок и нагласи дека Турција ќе продолжи да го поддржува мирот, стабилноста и благосостојбата на Балканот и да ги развива економските односи со сите земји од регионот.

Од страна на ко-претседавачот на Стопанската комора на Македонија-Турција (MATTO), д-р Билал Суџубаши и претставникот на Стопанската комора на Косово-Турција, г-дин Есин Музбег, беа презентирани економските показатели и можностите за инвестирање во Република Северна Македонија и Република Косово, како и можностите за поголема меѓусебна соработка во повеќе сектори и зголемување на обемот на трговска размена помеѓу двете земји.

Во таа насока, настанот беше заокружен со потпишување на Протокол за соработка помеѓу Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO), Стопанската комора на Македонија – Турција (КТТО) и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ“ од Косово.

Share this post

Back to Blog