Back to Blog

Турскиот банкарски бренд Халкбанк меѓу петте најголеми банки во Македонија

Според големината на капиталот Халкбанк АД Скопје се позиционира на четвртото место меѓу банките во Република Македонија

СКОПЈЕ (АА) – Турскиот банкарски бренд Халкбанк АД Скопје, кој работи во земјата од април 2011 година, по шест години присуство во Македонија направи значајно капитализирање, со што сопствените средства на Банката достигнаа износ од 67,5 милиони евра. Имајќи ги предвид овие податоци, Халкбанк АД Скопје се позиционира на четвртото место меѓу банките во Република Македонија според големината на капиталот, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението на Халкбанк АД Скопје се наведува дека паралелно со капитализацијата на Банката, одеа и низа инвестиции во насока на подобрување на квалитетот на услугата и достапноста на Банката до субјектите преку зголемувањето на деловната мрежа и отворањето голем број нови филијали низ целата територија на Република Македонија, каде што бројот, на крајот од 2016 година, достигна 37 модерно и комплетно реновирани филијали на локации најпогодни за клиентите, со можност за брзо завршување на дневните банкарски операции, а бројот на банкомати е двојно зголемен и на крајот од 2016 година изнесува 103.

– „Вработени кои се секогаш на располагање на своите клиенти”

За овој период, се наведува во соопштението, Халкбанк АД Скопје значително го зголеми бројот на вработени, од 275 на 461 високоедуцирани, услужливи вработени во секое време на располагање на своите клиенти.

Турскиот банкарски бренд Халкбанк меѓу петте најголеми банки во Македонија

„Халкбанк АД Скопје, повратно, за подобар сервис за клиентите инвестираше во широк спектар сервиси, чиешто понатамошно развивање нема да сопре. Инвестициите се состоеја во сопствен центар за обработка на податоците од картичното работење, 3Д безбедносна платформа, одлична покриеност со нови АТМ, најмодерни ПОС-терминали, инвестиција во бесконтактна технологија, инвестирање во комплетно ново електронско банкарство и мобилно банкарство за физички и правни лица, онлајн аплицирање, инвестиција во ЕРП-систем и многу други процеси, што доведоа до зголемување на трансакциите што се вршат преку новите дигитални решенија од над 55% од вкупниот број, со тренд на континуирано зголемување со цел олеснување и поедноставување на секојдневните банкарски трансакции за клиентите со високо ниво на безбедност”, се наведува во соопштението.

– Халкбанк АД Скопје рангирана во групата на петте големи банки во банкарскиот сектор на Република Македонија

Активата на Банката на крајот од 2016 година изнесува 582 милиони евра со што Халкбанк АД Скопје е рангирана во групата на петте големи банки во банкарскиот сектор на Република Македонија.

„Зголемувањето на активата во анализираниот периодот изнесува речиси 4 пати. Стабилноста на Халкбанк АД Скопје во изминатите 5 години беше препознаена од страна на клиентите што растот на Банката го поддржаа со зголемување на депозитната база за 296 милиони евра, за на крајот од 2016 година таа да изнесува 385,5 милиони евра”, информираат од Халкбанк АД Скопје.

Паралелно со зголемувањето на депозитната база одеше и зголемувањето на кредитното портфолио, кое беше придружено со детална анализа на сите пазарни, економски и финансиски предизвици, и внимателно пласирани средства кон фирмите и граѓаните преку производи што одговараа на секој поединечен профил на клиент, согласно надворешните околности на стопанисување.

„Резултат на тоа е здравото портфолио на Банката и ниското ниво на нефункционални кредити за целиот период во услови на турбулентното окружување. Вкупните нето-кредити на крајот од 2016 година изнесуваа 381 мил. ЕУР, што значеше зголемување за повеќе од 4 пати за 5 години, споредено со 2011 година, од влезот на Халкбанк во Македонија”, појаснуваат од банката.

– Халкбанк АД Скопје: Четврта банка во Република Македонија по основ на профитабилност

Стабилниот раст на Банката, проследен со здрави пласмани, зголемена доверба од граѓаните, изразен преку зголемен бројот на клиенти, трансакциски сметки, платежни картички, кредитни и депозитни производи, препознавањето на сите инвестиции на Банката што придонесоа за лесно, брзо и функционално работење на компаниите со Банката, водел кон континуиран пораст на профитот на банката, со што Халбанк АД Скопје се вбројува меѓу најдобрите банки во земјата.

„На крајот од 2016 година, профитот изнесуваше 7,667 милиони евра, што ја прави четврта банка во Република Македонија по основ на профитабилност и што дава простор за дополнителна идна капитализација и поддршка на стопанството и на граѓаните”, истакнуваат од Халкбанк АД Скопје.

Халкбанк АД Скопје е растечки стабилен бренд што дејствува остварувајќи ја својата глобална визија преку понуда на иновативни производи и услуги што паралелно оди со зголемување на довербата од страна на клиентите како најголем показател за успешноста. Инаку, турскиот банкарски бренд Халкбанк во Македонија е присутен од април 2011 година.

Share this post

Back to Blog