МАТТО со силно претставување придонесе за унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Туркије на Бизнис форумот Туркије – Северна Македонија
Стопанската комора на Македонија–Туркије (МАТТО) активно учествуваше на Бизнис форумот Туркије – Северна Македонија, кој се одржа на 12 јуни 2026 година во Истанбул, со делегација составена од членови на Управниот одбор и повеќе од 30 компании-членки. Со своето активно присуство, МАТТО даде значаен придонес во унапредувањето на трговските и економските односи меѓу двете пријателски земји.
Форумот беше организиран во координација на Министерството за трговија на Република Туркије, Одборот за надворешни економски односи на Туркије (DEİK) и Владата на Република Северна Македонија. Настанот претставуваше висока платформа за дијалог меѓу јавниот и приватниот сектор, на која беа испратени важни пораки за иднината на економската соработка меѓу Туркије и Северна Македонија. На форумот учествуваа повеќе од 300 компании од двете земји.
На свеченото отворање се обратија Претседателот на Турско–Македонскиот бизнис совет при DEİK, Билал Кара, Претседателот на DEİK, Наил Олпак, Заменик-регионалниот Директор на УНДП за Европа и Централна Азија, Ник Хартман, Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, Првиот заменик-претседател на Владата и Министер за европски прашања, Беким Сали, како и Министерот за трговија на Република Туркије, проф. д-р Омер Болат.
Во рамките на програмата, Советникот на Претседателот на Владата на Северна Македонија и поранешен Заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, ја презентираше презентацијата „North Macedonia Investor Map“, преку која детално беа претставени инвестициските потенцијали на земјата, стратешките индустриски сектори, индустриските зони и можностите што Северна Македонија им ги нуди на странските инвеститори.
На првиот панел посветен на билатералната соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување, Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска ги претставија можностите за понатамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете држави.
На вториот панел на тема „Унапредување на транспортните мрежи: соработка во инфраструктурата, логистиката и инвестициите“, свои излагања имаа Вицепремиерот и Министер за транспорт Александар Николоски, Директорот на Технолошко-индустриските развојни зони д-р Гоце Димовски, Извршниот Директор на TAV Airports Серкан Каптан, Генералната Директорка на слободните зони на Туркије Емел Емирлиоглу и Министерот за транспорт и инфраструктура на Република Туркије, Абдулкадир Уралоглу.
На затворањето на форумот, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски, и Министерот за трговија на Република Туркије, проф. д-р Омер Болат, ја истакнаа заедничката определба за зголемување на трговската размена, поттикнување на нови инвестиции и дополнително зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Во текот на форумот беа реализирани бројни Б2Б средби, при што компаниите-членки на МАТТО воспоставија нови деловни контакти, разгледаа конкретни можности за инвестиции и отворија перспективи за идни заеднички проекти. Овие средби претставуваат значаен чекор кон продлабочување на економските врски меѓу деловните заедници на Северна Македонија и Туркије.
Особено значење за билатералните односи имаше средбата на Претседателот на Република Туркије, г. Реџеп Тајјип Ердоган, со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски и владината делегација. На средбата беше потврдена заедничката заложба за понатамошно унапредување на стратешкото партнерство, зголемување на трговската размена, поттикнување на нови инвестиции и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.
Во овој значаен настан, кој претставува силна потврда на традиционалното пријателство и економско партнерство меѓу Северна Македонија и Туркије, МАТТО се истакна со своето силно присуство и активна улога. Комората продолжува посветено да работи на зголемување на меѓународната видливост на своите членки, создавање нови деловни можности и градење доверливи и одржливи економски врски меѓу двете земји.
МАТТО и во иднина ќе продолжи активно да придонесува кон развојот на трговијата, инвестициите и економската соработка меѓу Северна Македонија и Туркије, зајакнувајќи ја економската димензија на стратешкото партнерство меѓу двете држави.
















