Back to Blog

На 02.03.2016 гидна FIC и МАТТО организираa семинар на тема: ВОДЕЊЕ БИЗНИС СО ИНТЕГРИТЕТ – ЕТИЧКИ МЕНАЏМЕНТ

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Македонија – Турција – МАТТО, на 2.3.2016 година организираa семинар на тема: ВОДЕЊЕ БИЗНИС СО ИНТЕГРИТЕТ – ЕТИЧКИ МЕНАЏМЕНТ. 

Во современиот свет на бизнисот, интегритетот е еден од најбараните квалитети, не само од вработените, туку и од самите компании. Интегритетот се дефинира како квалитет на искреност и доверба, поседување силни морални принципи, морална исправност. Генерално, се работи за личен избор за придржување кон конзистентни морални и етички стандарди. Може да се одреди дали некој поседува интегритет според тоа до кој степен тој се однесува во согласност со неговите вредности, верувања и принципи за кои тврди дека ги поседува.  

Претседателот на Советот на странските инвеститори, Штефан Петер се осврна на интерните процедури и кодексот на однесување во „ЕВН Македонија“ како корпоративна и општествено одговорна компанија. Важноста на интегритетот во бизнисот никогаш не била поизразена како што е во денешната глобализирана светска економија, – истакна Петер.

„ЕВН“ како глобална корпорација со над 9000 вработени прави значаен придонес за обезбедување и подобрување на квалитетот на животот на повеќе од 3 милиони корисници во 18 различни земји.  

– Ние сме големи, но не само изразено во бројки, ние мислиме во поширок контекст и мислиме одговорно.  

Ние имаме улога на компанија – модел за корпоративно управување како на пазарот во Австрија, така и во други земји, при што се придржуваме на серија на спогодби и препораки од меѓународни институции при нашето деловно работење. 

Деловното работење со интегритет е еден од најбараните квалитети и тука компаниите треба да ја преземат клучната улога. Дали ќе бидеме чесни во секојдневното однесување е наша лична одлука, но кога станува збор за бизнисот, тоа не е индивидуална одлука, туку одлука на компанијата. Затоа, секоја компанија треба да изготви кодекс на однесување преку кој ќе ги подучи своите вработени, но и партнерите, добавувачите и сите соработници за тоа што значи деловно работење со интегритет, – истакна претседателот на Советот на странски инвеститори Штефан Петер. 

Господинот Туна Ејуп Кахвеџи, претседател на МАТТО, нагласи дека етиката во целиот процес, од производството до крајната потрошувачка, мора да се воспостави. 

– Ќе се обидеме да поттикнеме стандардизација на ова поле. Како што при купување одреден производ бараме исполнување некакви стандарди, така треба да се бараат стандарди и во етичкото однесување, нагласи Кахвеџи, според кој кризата во 2008 година покажа како неетичкото однесување има далекусежни последици кон општеството и семејствата. 

Дел од етичкото, одговорно бизнис однесување, потенцира претседателот на МАТТО, е и навремената исплата на работниците.  

– Во нашата култура, еден од основните принципи е заслуженото на работникот да му биде исплатено пред да му се исуши потта на челото. Верувам дека тоа што е заслужено со труд, треба навреме да биде исплатено, – истакна Кахвеџи. 

Според консултантот Љубомир Трајковски, ако имањето образ е само домашно воспитување, поседувањето интегритет во деловното работење е придржување до општо прифатените стандарди, правила и принципи. 

– Бидејќи правилата за имање образ се прецизни, според меѓународни стандарди, останува желбата да се почитуваат, да се обезбедат услови вработените и раководителите да ги спроведуваат, да се контролира колку сме успешни во овој сегмент и да се трудиме да бидеме уште подобри, – порача Трајковски. 

Од досегашното искуство, како што истакна Трајковски, тој имал можност и задоволство да работи со фирми кои имаат образ, но и со такви кои го довеле во ситуација на компромис – дали да биде како нив или да се тргне на страна. 

Оценка на Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнал“ е дека, иако постојат одредени, дури и законски правила за добро, етичко корпоративно работење, во Македонија многу малку компании имаат етички кодекси или било какви политики на интегритет. 

– Работењето базирано на етика и интегритет се одразува и кон партнерите и кон средината во која компаниите работат. Ова е сосема нова тема која кај нас допрва се отвора најмногу затоа што нашите фирми кои работат со странство добиваат такви барања – да направат ревизија на интегритетот во компанијата или ревизија на етичките стандарди што досега не беше познато и својствено. Оттука и потребата се` повеќе да се зборува на оваа тема, – рече Тасева.

Со семинарот, Советот на странски инвеститори и МАТТО се придружуваат кон активностите на ОЕЦД како еден од најголемите промотори на стандардот – бизнис со интегритет.

Share this post

Back to Blog