Претседателот Пендаровски прими членови на Стопанската комора Македонија – Турција, МАТТО
04/09/2019 …
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, прими членови на Стопанската комора на Македонија – Турција, МАТТО.
На средбата, претседателот Пендаровски ја истакна поддршката на турските компании за македонската економија и нивниот директен придонес за подобрување на стандардот на граѓаните.
Претседателот Пендаровски посочи дека во фокусот на неговото работење ќе биде подобрување на економските состојби во земјата, бидејќи како што истакна, е неопходно сите повеќе да се посветат на економијата, имајќи предвид дека задача на секој политичар е да работи исклучиво во интерес на народот.
„За неколку месеци, со полноправното членство во НАТО нашата држава ќе ја заокружи својата безбедност и ќе стане земја со предвидлива иднина. Знам дека за секој потенцијален инвеститор стабилноста на земјата е клучен предуслов. Подеднакво е важно земјата да нема отворени билатерални прашања со своите соседи. Северна Македонија и во овој сегмент ја заврши својата работа”, рече претседателот Пендаровски.

Претставниците на Рамстор, ТАВ Македонија, Халк Банк, Џевахир Холдинг, Сити Плаза, Бис Оил, Еуролинк и на млекарата Суташ ја поздравија отвореноста на претседателот Пендаровски, како и неговата подготвеност политичката дебата во земјава да се замени со дискусија за економија.
Тие посочија дека претставуваат мост меѓу Северна Македонија и Турција и дека постои простор и расположение за уште поголемо продлабочување на економската соработка. Компаниите го информираа претседателот Пендаровски дека во последнава декада инвестициите од Турција во земјава достигнале 2 милијарди долари и дека трговската размена меѓу двете земји е над 5 милијарди долари.


