• Денес е: недела, ноември 29, 2020
Статут

СТАТУТ

Врз основа на член 8 и 9 од Законот за Стопанските Комори на Република Македонија (“Службен весник“ на Р.М бр.17/11), членовите на Собранието на СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА -ТУРЦИЈА (во понатамошниот текст: “Комора“), на Собранието одржано на ден 18/01/2019 година во Скопје, го донесоа следниот текст на:

 СТАТУТ

НА СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА -ТУРЦИЈА

1.OПШТИ ОДРЕДБИ

 Член 1

 Со овој Статут, согласно одредбите од Законот за Стопански Комори, се уредуваат:

името и седиштето на комората;

цели и задачи на комората, облици и начин на дејствување;

зачленување, видови на членство и престанок на членување;

органи, начин и избор на надлежности;

траење и мандат на органите и начинот на одлучувањето на    членовите;

содржина и облици на остварување соработка со другите комори;

остварување на јавност во работата;

начин на обезбедување на средства за работа на Комората;

положба и задачи на стручните служби и

постапување со имотот на комората.

Член 2

СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА -ТУРЦИЈА е независна, самостојна, непрофитна организација, со својство на правно лице, со права, обврски и одговорности утврдени со Законот за стопански комори и со овој Статут.

Својството на правно лице Комората го стекнува со денот на упис во соодветниот регистар.

Член 3

 СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈА се основа со цел да се зголемат и да се развијат бизнис активностите на нејзините членови во сферата на нивното делување, да се зголемат и подобрат нивните резултати и обезбеди помош во заштита на нивните законски права.

 2. НАЗИВ И СЕДИШТЕ

Член 4

 Целосниот назив на Комората гласи:

СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈА.

Во односите со трети лица, како и на официјалната документација Комората може да го користи и само скратениот назив: МАТТО.

Седиштето на Комората е во Скопје, на ул.“Јордан Мијалков“ бр.8.

Член 5

Комората има свој печат и штембил.

Печатот е со тркалезна форма, во која е впишан полниот назив на Комората.

Штембилот е со правоаголна форма и на него е испишано: Стопанска комора на Македонија-Турција МАТТО и празен простор за број, датум и година на актот што се прима или испраќа и во последниот ред стои: во Скопје.

  1. ЦЕЛИ, ЗАДАЧИ И ДЕЛУВАЊЕ НА КОМОРАТА

Член 6

СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈА се организира и работи заради:

-ефикасно стопанисување во пазарни услови, успешно вклучување во  македонскиот и турскиот пазар и нивен понатамошен развој, како и поттикнување на развојот на претприемништвото кај нејзините членови, со цел за подобрување на резултатите на работењето и организираноста на членовите на Комората.

-понатамошен развој на взаемна деловна соработка помеѓу правните лица од Република Македонија и Република Турција;

-унапредување на трговијата, инвестициите и економската соработка и развојот помеѓу двете држави;

-остварување и одржување на контактите помеѓу деловните субјекти и државните органи во врска со македонско-турската трговија и бизнис;

-подобрување на легислативата во насока на поедноставување на постапките со цел за зголемување на турските инвестиции во Република Македонија, востановување на добра деловна практика и етика, како и овозможување услови Комората да биде форум за размена на идеи помеѓу деловните субјекти кои работат во Република Македонија и Република Турција,

-застапување и заштита на интересите на членките на Комората,

-развој на пазарната економија во Република Македонија и понатамошно нејзино интегрирање во глобалната  економија.

  1. ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА КОМОРАТА

 Член 7

СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈА се основа на неодредено време.

 НАЧИН НА УПРАВУВАЊЕ И ОДЛУЧУВАЊЕ

Член 8

Органи на управување и раководење се:

А. Собрание,

Б. Управен Одбор,

В. Надзорен Одбор,

Г. Претседател    и

Д. Копретседавач и Заменици претседатели и

Ѓ. Суд на честа.

А) СОБРАНИЕ

Член 9

 Собранието на Комората е највисок орган на Комората.

Секоја членка на комората воедно е членка и на Собрание.

Секој член има право на еден глас при одлучување во Собранието.

Членовите кои не се во можност да присуствуваат на Собранието, може да овластат лице кое ќе ги застапува на седниците на Собранието.

Членовите на Комората (правните и физичките лица), можат да именуваат и регистрираат во Комората лице кое е овластено да ги застапува на Собранието и негов заменик. Овластеното лице и неговиот заменик може истовремено да присуствуваат на Собранието, со тоа што право на глас ќе има еден од нив, односно лицето што се пријавило како присутно во име на членката на Собранието.

Начинот на зачленување во Комората се утврдува со посебна одлука, која ја донесува Управниот одбор.

Член 10

Редовното Собрание се свикува еднаш годишно.

Во текот на годината може да бидат одржани и повеќе вонредни Собранија.

Седницата на Собранието ја свикува Претседателот на Комората.

Претседателот го свикува Собранието со писмена покана испратена по пошта со препорачана пратка со доказ за прием или со известување по електронски пат до сите членови на Собранието и тоа најмалку 7 (седум) дена, пред денот на одржувањето на Собранието.

Писмената покана или испратеното известување по електронски пат  содржат податоци за времето и местото на одржување на Собранието и дневниот ред.

Седница на Собранието може да се одржи и по пат на писмено барање доставено до Претседателот на Комората од страна на повеќе од половината члeнови на Комората.

По доставувањето на барањето до Претседателот, истиот е должен во рок од 30 (триесет) дена да го свика Собранието.

Доколку Претседателот на Комората не свика седница на Собранието согласно став  3, 4 и 5 од овој член, Управниот одбор со одлука донесена со просто мнозинство од вкупниот број на членови, ја свикува Седницата во рок од 15 (петнаесет) дена од последниот ден, кога Претседателот имал обврска да ја закаже седницата.

Во случај на свикување на Собрание по барање од страна на повеќе од половина од членовите на Комората или по барање на Управниот одбор, на таа седница нема да се разгледуваат други прашања освен оние кои се наведени во барањето и дневниот ред.

Секој од членовите, во рок од 3 (три) дена, од денот на приемот на писмената покана или електронското известување, може да бара дополнување на дневниот ред со прашања за кои смета дека треба да бидат расправани на Собранието, со образложение за потребата од нивно вклучување, разгледување и одлучување.

Дополнувањето на дневниот ред се врши преку испраќање на писмен допис по електронски пат на регистрираните адреси на членовите на Собранието на Комората.

За дополнителните точки и нивното разгледување одлучува Собранието на денот на седницата со 2/3 мнозинство од  вкупниот број на членови на Собранието на Комората.

Собранието на седницата може да расправа за точки кои не биле ставени на дневен ред, само доколку тоа го прифатат 2/3 мнозинство од вкупниот број на членови на Собранието на Комората, а одлуката ќе биде донесена на истата или на првата наредна седница.

Член 11

Собранието може да отпочне да работи и одлучува, доколку на седницата присуствуваат повеќе од половината, од вкупниот број  членови на Комората.

Седницата ја отвара Претседателот, кој предлага членовите на Собранието на Комората да изберат Претседавач за седницата. Во случај членовите на Собранието, да не изберат Претседавач, истиот се определува од страна на Претседателот.

Мандатот на Претседавачот трае заклучно до завршувањето на седницата.

Собранието ги донесува одлуките со просто мнозинство гласови од присутните членови, доколку за определени прашања поинаку не е определено со закон или со овој Статут.

Доколку на седницата на Собранието, не се обезбеди утврдениот кворум од ст.1 на овој член, во период не подолг од 10 работни дена, повторно се закажува седница на Собранието, а кое потоа може да одлучува по прашањата утврдени во дневниот ред за првото свикување, без оглед на присутниот број членови. Во овој случај, одлуките и заклучоците се донесуваат со мнозинство гласови од присустните членови, освен во случаите каде е предвидено квалификувано мнозинство.

Член 12

Надлежности на Собранието:

1.Го донесува Статутот на Комората, врши измени и дополнувања на истиот и го усвојува Пречистениот текст на Статутот подготвен од Управниот одбор;

2.Го донесува Деловникот за работа на Собранието.

3.Ја донесува годишната Програма за работа на Комората;

4.Ги избира и разрешува органите на Комората,

5.Го утврдува финансискиот план, го усвојува извештајот за спроведување на годишната програма за работа, ја усвојува завршната пресметка и ја утврдува висината на износот на членарината на Комората, по  предлогот на Управниот одбор;

6. Ги одобрува актите, нивните измени и дополнувања;

7.Одлучува за формирање на разни облици на организирање и работење на Комората и дава мислење за формирање на посебни организациони облици;

8.Одлучува за престанокот или продолжување на траењето на Комората со одлука донесена од најмалку 2/3 од вкупниот број на членовите на комората.

  1. Врши и други работи во согласност со закон и овој Статут.

Член 13

Доколку на седницата на Собранието не биде обезбедено присуство на членовите во број утврден согласно чл.11 од овој Статут, истата се презакажува за период не подолг од 10 (десет) работни дена.

На презакажаната седница се одлучува по прашањата утврдени во дневниот ред за првата седница, без оглед на присутниот број на членови на Собранието. Во ваков случај, одлуките и заклучоците се донесуваат со мнозинство гласови од присустните членови, освен во случаите каде е предвидено 2/3 мнозинство од вкупниот број на членови на Собранието.

Б) УПРАВЕН ОДБОР

Член 14

Управниот одбор се состои од постојани и привремени членови. Управниот одбор брои 21 (дваесет и еден) постојани членови и најмногу 4 (четири) привремени членови.

Постојаните членови на Управниот одбор ги избира Собранието на Комората, освен ако со овој Статут не е поинаку определено.

Привремените членови ги избира Управниот одбор, на предлог на Претседателот на комората со просто мнозинство од вкупниот број на членовите на Управниот одбор.

Постојаните членови на Управниот одбор се избираат со мандат во траење од 4 (четири) години, со неограничено право на реизбор.

Мандатот на привремените членови трае се до донесување на одлука за нивно разрешување од страна на на Управниот одбор.

Во Управниот одбор постојаните членови  ја плаќаат највисоката членарина од “Платинеста и А категорија“, најмногу  2 (два) члена ја плаќаат членарината од “Б категорија“ и најмногу еден член ја плаќа членарината од “В категорија“.

Иницијатива за разрешување на член на Управен одбор, може да поднесат Претседателот на Комората, повеќе од половина од вкупниот број на членови на Комората и Надзорниот Одбор. Иницијативата се става на дневен ред на разгледување и одлучување пред Собранието на Комората.

Одлуката за разрешување на член на Управниот Одбор се смета дека е донесена, доколку за истата гласаат 2/3 од сите членови на Собранието, освен во случај од чл. 13 ст. 2 кога одлуката се смета за донесена кога за неа гласале 2/3 од присутните членови на Собранието.

Привремените членови на Управниот одбор, можат да бидат разрешени на предлог на Претседателот на Комората или на членовите на Надзорниот одбор, со одлука на Управниот одбор донесена со  просто мнозинство од присутните членови на седницата.

Член 15

Членот кој е избран во Управниот одбор, е должен во периодот додека му трае мандатот да ја плаќа истата членарина од моментот на изборот за член на Управниот одбор.

Доколку членот на Управниот одбор во текот на една година, отсуствува последователно на три седници на Управниот одбор а притоа писмено не го оправда своето отсуство, на предлог на мнозинство на членовите, Управниот Одбор може да одлучи тој да биде разрешен и на негово место да избере привремен член, до одржување на наредното редовно Собрание

Член 16

Управниот одбор е раководен орган на Комората и извршен орган на Собранието.

Со работата на Управниот Одбор претседава Претседателот на Комората, кој воедно е одговорен и за точноста на водење на записникот од состаноците и организацијата на други форми преку кои што Управниот Одбор работи и одлучува.

Претседателот на Комората , своите овластувања и одговорности, со одлука може да ги пренесе на Копретседавачот  и замениците претседатели и извршниот директор на Комората.

Претседателот го свикува Управниот Одбор со писмена покана испратена по пошта со препорачана пратка, по факс, по електронски пат или на било кој друг начин, со кој се обезбедува доказ за прием, а исполнувањето на оваа обврска може да се побара да биде извршено од страна на Извршниот Директор.

Член 17

Управниот Одбор одлучува за сите прашања од негова надлежност определени со Закон и овој Статут.

Управниот Одбор може полноправно да работи ако на седницата присуствуваат повеќе од половината од членовите на Одборот.

Управниот Одбор ги донесува одлуките со мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членови.

Член 18

Управниот Одбор:

ги подготвува седниците на Собранието на Комората;

ја спроведува одобрената програма за активности и буџетот донесени од Собранието;

ги спроведува заклучоците и одлуките на Собранието;

ги донесува општите и посебните акти на Комората кои не се во надлежност на Собранието;

одобрува прием на нови членови во Комората и доколку има потреба, со 2/3 од мнозинството на членови на Управен Одбор го прекинува членството на привремените членови во Управниот Одбор,

врши контрола на извршените уплати на членарината и ги информира членките во случај на евентуални доцнења со уплатите на истата;

дава иницијативи и зазема ставови за донесување закони и други прописи и акти кои се од интерес на Комората;

донесува одлуки врз основа на Статутот на Комората и врши други работи утврдени со Закон и Статутот;

-по потреба ангажира надворешни соработници, со кои се склучуваат посебни договори за соработка каде се предвидени меѓусебните  права и обврски;

дава овластување на Претседателот на Комората за склучување договори од секаков вид, согласно предмет на работењето и потребите на Комората ,

ги избира и разрешува членовите на Судот на честа и

врши други работи утврдени со овој закон и Статутот на комората.

В. НАДЗОРЕН ОДБОР

Член 19

Надзорниот одбор врши надзор врз законитоста, материјално-финансиското работење, управување и користење на имотот и правилноста на работата на комората и за својата работа го известува собранието на комората, во временски период утврден со статутот на комората.

Член 20

Надзорниот Одбор е составен од 3 (три) постојани и 3 (три) заменици членови.

Членовите на Надзорниот Одбор ги избира Собранието на комората.

Членовите на Надзорниот Одбор се избираат за време од четири години без право на реизбор.

Надзорниот одбор од своите редови избира Претседател.

По предлог од мнозинството од вкупниот број на членови, Собранието може да разреши член на Надзорен Одбор и пред истекот на неговиот мандат. Одлуката за разрешување се смета за донесена доколку за неа се изјаснило мнозинството од членовите на Собранието на Комората.

Надзорниот одбор, за својата работа поднесува извештај до Собранието на Комората и тоа на крајот на секоја деловна година.

Член 21

Надзорниот Одбор врши надзор на работата на Управниот Одбор и Претседателот на Комората.

Надзорниот одбор може да врши увид и да ги проверува книгите и документите на Комората, имотот и благајната на Комората. Во случај на  ангажирање на ревизорско друштво за потребите на надзорот, Надзорниот Одбор за секоја ревизија треба да ангажира ново ревизорско друштво.

На Надзорниот Одбор не можат да му бидат пренесени овластувања во врска со управувањето на Комората.

Седница на Надзорниот Одбор може да се одржи ако тоа го налага извршувањето на работите во рамките на неговите надлежности.

Надзорниот Одбор во текот на годината задолжително треба да одржи најмалку 4 (четири) редовни состаноци и тоа на секои 3 (три) месеци, при што еден од состаноците мора да се одржи еден месец пред одржувањето на годишното Собрание.

Секој член на Надзорниот или Управниот одбор преку образложено барање поднесено во писмена форма, може да бара од членовите на Надзорниот Одбор да извршат надзор.

Состанокот мора да се одржи во рок од 15 (петнаесет) дена од денот кога е поднесено барањето.

 Г. ПРЕТСЕДАТЕЛ

Член 22

Претседателот на Управниот одбор е Претседател и на Комората. Претседателот од своите редови го избираат членовите на Управниот одбор, со просто мнозинство од присустните членови.

Управниот одбор го разрешува Претседателот на Комората со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број гласови од членовите на Управниот Одбор.

Мандатот на Претседателот е 4 (четири) години.

Со одлука на Управниот Одбор, Претседателот може да нема ограничување во реизбор.

Претседателот на Комората самостојно раководи со работата на Комората, ја застапува и претставува  Комората пред домашните и странските институции, како и во односите со трети лица, ги извршува одлуките и заклучоците на другите органи и тела и раководи со банкарската сметка на Комората.

Д. КОПРЕТСЕДАВАЧ И ЗАМЕНИЦИ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА  КОМОРАТА

Член 23

Управниот Одбор има право од своите редови да избере еден ко-претседавач и најмногу до 5 (пет) заменици претседатели.

Ко-претседавачот и замениците претседател, се избираат и разрешуваат со мнозинство од гласовите на членовите на Управниот одбор.

Правата и обврските на ко-претседавач и замениците претседатели се утврдени со акт донесен од страна на Претседателот на Комората.

Мандатот на ко-претседавачот и замениците претседатели, трае до крајот на мандатот на Претседателот на Управниот одбор.

Ко-претседавачот и замениците претседатели имаат право на реизбор.

  1. СТРУЧНИ СЛУЖБИ, ПОЛОЖБА И ЗАДАЧИ

Член 24

За вршење на стручните работи од областа на работата, Комората формира своја стручна служба, а чие работење е уредено со посебен акт.

           Со стручната служба, раководи извршен директор кој ја организира работата на стручната служба и врши и други работи во согласност со актите на комората и закон.

Извршниот Директор го избира и разрешува Управниот Одбор, со мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членови.

  1. ЗАСТАПУВАЊЕ, ОДГОВОРНОСТ И ОВЛАСТУВАЊЕ

Член 25

Претседателот ја застапува комората во односите со трети лица.

Претседателот е одговорен пред членовите и надлежните органи за законито работење на Комората.

Во вршењето на застапувањето, по сопствено наоѓање, Претседателот има право да овласти друго лице како полномошник, со сите права и обврски по закон, да ја застапува Комората.

Во правниот промет, Комората настапува без ограничувања и одговара за сите обврски со сиот свој имот.

Комората не одговара за обврските на своите членови.

  1. СОРАБОТКА СО ДРУГИ КОМОРИ

Член 26

Согласно своите цели, активности и дејности, утврдени со овој Статут и Закон, Комората може да соработува и склучува меѓусебни договори со домашни или странски стопански комори, да членува во меѓународни стопански организации, како и да членува и соработува со органи и други институции на/од Република Македонија и Република Турција.

  1. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА

Член 27

Работата на Комората е јавна.

Јавноста на работата на Комората се обезбедува особено преку:

Постојано информирање на членството за работата на Комората;

Објавување на одлуките на органите на Комората преку писмено известување на своите членки или со објава во гласилото на Комората, по индивидулно барање на членката, издавање на брошури, списанија, веб страна, преку средствата за јавно информирање и други облици утврдени со овој статут или со акт на органите на Комората.

10.ЧЛЕНУВАЊЕ ВО КОМОРАТА-ПРИСТАПУВАЊЕ, ИСТАПУВАЊЕ И ИСКЛУЧУВАЊЕ

Член 28

Во Комората се зачленуваат правни и физички лица со седиште во Р.Македонија, кои вршат дејност односно се запишани во соодветен регистар,врз основа на дејноста која ја вршат и се деловно поврзани со Република Турција или пак имаат турско учество во капиталниот удел, како и секое друго лице и член кој ги исполнува сите услови според критериумите за членство.

Категориите на членство и износите на членарините за истите, се утврдуваат со одлука од Собранието, а на предлог на Упрваниот одбор на Комората.

Износите на уплатените членарини од сите категории, се пресметуваат согласно средниот курс на НБРМ на денот на плаќањето.

Член 29

Секој член е должен членарината за тековната година да ја уплати најдоцна до последниот ден од месец март.

Управниот одбор со одлука може да одобри уплатата на членарината да биде на рати и тоа: првата  треба да биде платена до последниот ден од месец март, а втората рата до последниот ден на месец јуни.

Доколку членарината за наредната година биде уплатена во месец декември од тековната година, може да биде одобрен попуст од 10%,  на предвидениот износ во кој е категоризиран членот.

Управниот одбор има право да  поведе постапка за исклучување на членот од Комората во случај на непочитување на обврските во роковите предвидени со ст.1 и 2 од овој член.

Во случај, поради оправдани причини, членот да не е во можност да ја плати членарината во роковите и на начинот утврден во ст.1 и 2 од овој член, истиот има право да побара од Управниот одбор, плаќањето да го изврши во дополнителен рок не подолг од 60 (шеесет) работни денови, а по кој доколку долгуваниот износ на членарина не биде уплатен, членството по автоматизам му престанува.

Член 30

Барањето за прием во членство во Комората,  иницијално се поднесува и се разгледува од Извршниот директор, кој по извршена техничка подготовка, истото го предлага на дневен ред на првата наредна седница на Управниот одбор.

По барањето од ст. 1 на овој член, Управниот одбор е должен да донесе одлука со мнозинство од присутните членови, најдоцна во рок од 30 (триесет) дена, од денот на поднесувањето, односно на првата наредна седница.

Управниот одбор со писмена одлука го потврдува или одбива приемот на нови членови.

Управниот одбор не е должен да ја образложи донесената одлука, со која барањето за прием во членство е прифатено или одбиено.

Ново примените членови добиваат Сертификат за членство и членска карта и имааат обврска да ја платат утврдената членарина во следните 30 (триесет) дена, од денот на приемот во членство во Комората. Во спротивно, ќе се смета дека истите самоинцијативно се откажале од членство во Комората.

Правните и физичките лица, чии барања за членство се одбиени од страна на Управниот одбор,  имаат право во рок од 15 (петнаесет) дена, од денот на добивањето на одлуката да поднесат жалба до Собранието на Комората. Собранието донесува одлука по жалбата на првата наредна седница.

Член 31

Комората може да има почесни членови без право на глас. За доделување на статус почесен член, одлучува Собранието.

Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија и Министерот за економија на Република Македонија се почесни членови и Претседатели на Комората.

Економскиот советникот во Амбасадата на Република Турција во Република Македонија и трговски советник во Трговското претставништво при Амбасадата на Република Турција во Република Македонија се почесни членови на Комората.

Член 32

Со одлука на Управниот Одбор, членство во Комората може да се дозволи и на непрофитни организации.

Член 33

Член на Комората може да истапи од Комората во било кое време, под услов да ги исполнил сите обврски кои произлегуваат од неговиот статус на членка на Комората, а врз основа на овој Статут и Закон и други акти донесени од страна на органите на Комората.

За својата намера за истапување, членовите се должни да достават писмено известување до Претседателот на комората и тоа најмалку 30 (триесет) дена, пред денот во кој стасува обврската за плаќање на годишната членарина, во спротивно ќе бидат должни да ја подмират обврската и за следната година.

Управниот одбор, по исполнувањето на условите од став 2 на овој член, со одлука донесена со мнозинство од присутните членови, го констатира истапувањето на членот од членувањето во Комората.

 Член 34

Член на Комората може да биде исклучен од членството во Комората доколку:

ги повреди правата на останатите членови;

не ги исполнува своите обврски како член на Комората;

се однесува непримерно и недолично или неговото понатамошно

членување се смета за штетно за угледот на Комората   и

доколку ја нема платено членарината на некој од начините предвидени во чл.29 од овој Статут.

Одлуката за исклучување од членство во Управниот одбор, се донесува по претходно усвоено мислење, со мнозинство од сите членови на Управниот одбор.

Одлуката за исклучување од членство во Комората, се донесува по претходно усвоено мислење на Управниот одбор, со мнозинство од сите членови на Комората.

  1. РАБОТА НА КОМОРАТА

Член 35

Стопанската Комора на Македонија-Турција, согласно Законот и врз основа на овој статут ги врши следните работи:

развој  на  пазарното  стопанство,  слободното  претприемништво  и поттикнување на конкуренцијата;

давање стручна помош на своите членови во развојот на работни дејности, усвојување и воведување на современи технологии и методи на работење;

со цел на подобрување на ефикасноста на работењето на членовите и нивната организираност како и оспособување на кадрите, реализирање на размена на знаења и искуства меѓу членките;

помош во обезбедување на квалитетна и ефикасна стручна помош и деловни услуги за членовите;

поттикнување и координирање на истражувањата и развојот на техничко-технолошните достигнувања;

-воспоставување и развој на стопанската соработка со странство со посебна насоченост кон промоција на стоките и услугите, економската пропаганда, организирање на саеми, учество во развивањето на надворешно трговските работи и соработката со коморите на другите држави;

организирање на стручно оспособување, преквалификација и доквалификација на стручни кадри;

поддршка во развојот на малото стопанство;

споделување на информации со членките, за значајни податоци од домашната и светската економија за развојни проекти, актуелни специјализирани информации од кредитно монетарната, даночната, царинската политика и пазарот, технологијата и за извозните и за увозните можности;

застапување на интересите на членовите пред државните органи, посебно во подготвување на законодавството од областа на стопанството, мерките и механизмите на стопанскиот систем и економската политика и утврдување на макроекономската политика и информирање за подготовките, промените на законите и други процеси од областа на стопанството;

давање мислење за областа за која е основана и вршење на други работи од интерес на членовите на комората.

Член 36

Статутот е основен акт за дејствување на Комората, вклучувајќи го и економското работење.

Извршниот директор е овластен за економско-финансиското работење на Комората.

Контролата над трошењето на средствата на Комората врши Надзорниот Одбор на комората и независно ревизорско друштво. Прашањата кои не се уредени со овој статут ќе се регулираат со посебни акти.

Член 37

На почетокот на секоја календарска година, на предлог на Управниот одбор, Собранието на Комората донесува годишна програма за работа и усвојува буџет.

Член 38

Средства за работа на Комората се обезбедуваат од:

членарина;

посебен придонес што членовите го обезбедуваат заради остварување на посебен интерес;

наплата од извршени услуги и други извори.

12 – Ѓ. СУД НА ЧЕСТА

Член 39

Собранието донесува акт со кој ја утврдува: надлежноста, состав, организацијата,финасирањето, начинот на избор, како и разрешувањето на членовите на Судот на честа.

Член 40

Судот на честа е независен орган на Комората, составен од 5 (пет) члена, избрани од редот на членките на Комората или од угледни личности кои не се членки на комората.

Членовите на Судот, се избираат со мнозинство гласови од членовите на Управниот одбор, со должина на мандатот како и Управниот одбор и со неограничено право на реизбор.

Претседателот на Судот, се избира со мнозинство на членови од Управниот одбор.

Претседателот на Судот,  може да учествува и расправа на седниците на Управниот Одбор, но без право на глас.

Член 41

Судот на честа е надлежен:

независно од Управниот Одбор, да одлучува за исклучување од членство во Комората;

се грижи за развивање, остварување и зајакнување на добрите деловни обичаи и деловниот морал на членките на Комората;

одлучува за повреда на добрите деловни обичаи и неизвршување на обврските на членовите на Комората;

одлучува за други повреди на актите на Комората.

Судот на честа, работи и одлучува на седници кои се свикуваат секогаш кога има потреба од одлучување по прашањата од негова надлежност и носи одлуки, за кои го информира Управниот Одбор.

Судот на честа е должен, во рок од 6 (шест) месеци од денот на конституирањето, да донесе Деловник за работа.

Седниците на Судот на честа, ги свикува и води Претседателот, а по барање или претставка поднесена од страна на:

најмалку 10% од вкупниот број на членови на Собранието на Комората;

по предлог на Надзорниот Одбор;

по предлог на најмалку 3 (три) членови на Управниот Одбор;

по предлог на Претседателот на Комората.

Одлуките од своја надлежност, Судот на честа ги донесува со мнозинство од вкупниот број на членови на Судот.

  1. ИНФОРМИРАЊЕ И ДЕЛОВНА ТАЈНА

Член 42

Како деловна тајна се сметаат исправите и податоците од работењето, кои со посебни акти на Комората се прогласени за деловна тајна.

Секој орган на Комората, во рамките на своето работење определува кои исправи и податоци ќе се сметаат за деловна тајна.

Исправите и податоците од работењето кои се прогласени за деловна тајна ,се обележуваат со зборовите “СТРОГО ДОВЕРЛИВО“.

Неовластено откривање на деловна тајна претставува тешка повреда на работната должност и одговорност за причинета штета од страна на членот на органите на Комората, кој намерно или од небрежност, сторил повреда со откривањето на деловната тајна.

Член 43

Извршниот директор по овластување на Претседателот на Комората е должен да го организира чувањето на исправите, податоците, деловните тајни и личните податоци, согласно Законот за архивско работење и Законот за заштита на лични податоци.

Обврската за чување на деловната тајна од страна на вработеното лице или членот на орган на Комората, трае две години од денот на престанокот на договорот за вработување или истекот на мандатот.

АРБИТРАЖЕН СУД

Член 44

При Комората може да постои Арбитражен суд кој дејствува како независен орган.

Арбитражниот суд решава преку посредување или одлучување за во меѓусебните деловни спорови помеѓу членовите на комората, потоа помеѓу членовите на комората и трети лица, како и меѓу други правни лица од земјата и странство, ако странките ја договорат надлежноста на овој суд.

Одлуките на арбитражниот суд се конечни и имаат сила на правосилна пресуда.

Надлежноста, составот и организацијата на арбитражниот суд, начинот на избор и разрешувањето на неговите членови и постапката по предметите од неговата надлежност се утврдуваат со акт кој го донесува Собранието на Комората.

  1. ИЗМЕНА НА СТАТУТОТ

Член 45

Статутот на Комората се менува и дополнува со одлука донесена со мнозинство од членовите на Собранието.

Иницијатива за измена и дополнување на Статутот можат да поднесат:

Претседателот на Комората;

1/3 од вкупниот број на членови на Собранието.

Иницијативата во писмена и образложена форма, се поднесува до Претседателот на Комората, кој понатаму ги известува членовите на останатите органи на Комората и закажува седница на Собранието на Комората во рок определен со член 10 од Статутот.

  1.  ПРЕСТАНОК НА КОМОРАТА

Член 46

Комората може да престане со работа:

1.со одлука на Собранието на Комората донесена со 3/4 мнозинство од вкупниот број членови;

2.остварување или гаснење на нејзиниот предмет на работење;

3.врз основа на одлука на надлежен орган  и

4.во други случаи предвидени со Закон.

Член 47

Престанокот на Комората повлекува нејзина ликвидација.

Собранието на Комората именува ликвидатор.

По престанокот на работата на Комората, имотот и средствата што остануваат по намирувањето на обврските, пропорционално се распоредуваат на членовите според висината на категоријата на членарината која ја плаќаат, а која е утврдена со посебен акт на Комората.

  1. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 48

Во случај во одреден период бројот на постојаните членови на Управниот одбор да биде помалку од 21 (дваесет и еден), со одлука на Управниот одбор истиот ќе биде дополнет од редот на привремените членови со важечки мандат.

Член 49

За се што не е регулирано со овој Статут, ќе се применуваат одредбите од Законот за Стопанските Комори на Република Македонија (“Службен весник“ на Р.М бр.17/11), како и останатите позитивни законски прописи кои важат за Стопанските Комори.

 Член 50

Комората стекнува својство на правно лице со денот на уписот во Централниот регистар на Република Македонија.

Претседател на

СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ТУРЦИЈА МАТТО,

 _______________________

Ајдован Адемоски

Share
Share