• Денес е: вторник, септември 28, 2021

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ДЕЛЕГАЦИЈА ОД СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА

Matto
октомври29/ 2019

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција, во состав: Енес Ибрахим, претседател; Амди Бајрам, Јусуф Хасани, Теута Биљали и Драган Цуклев, членови на Пратеничката група, денеска остварија средба со делегација од Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), предводена од претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, а во чиј состав беа потпретседателот Есер Џевахир, замениците на претседателот – Имер Селмани и Турхан Адеми и извршниот директор Шахпаз Молалиев.
На средбата беа разменети мислења и предлози за подобрување на бизнисот и унапредување на економскиот развој на Република Северна Македонија, при што беше оценето дека интензивните и пријателски билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка меѓу двете земји.

Претседателот Џафери изрази задоволство од воспоставувањето на комуникација и институционална соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и МАТТО, истакнувајќи го значајниот придонес на трговската размена меѓу Северна Македонија и Турција и на турските инвестиции во земјава кон економските текови и буџетот на државата. Истовремено, тој го подвлече значењето на соработката на МАТТО со сите стопански комори во Република Северна Македонија. Нагласувајќи дека во изминатиот период главниот придонес на економската соработка беше фокусиран во Скопје и во југоисточниот дел од земјата, тој се заложи за зголемување на соработка и инвестициите во западниот и југозападниот дел од Република Северна Македонија. Претседателот на Собранието нагласи дека меѓу пратениците од власта и опозицијата не постои разлика во врска со економските прашања, односно постои консензус за потребата за унапредување на економскиот развој и соработка.

Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, изрази задоволство што законодавниот дом е отворен кон бизнис-заедницата и информираше дека во МАТТО членуваат околу 100 еминентни компании од земјава и инвеститори од Република Турција, кои вработуваат речиси 10.000 граѓани на Република Северна Македонија. Тој посочи дека турските инвестиции во земјава изнесуваат 2 милијарди УСД, а вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Турција повеќе од 521 милиони УСД, со заложба истата да се зголеми до една милијарда УСД. Претставниците на МАТТО се заложија за понатамошна либерализација на Договорот за слободна трговија меѓу Северна Македонија и Турција, со што во голема мера ќе се зголеми обемот на трговска размена и ќе се унапреди влезот на домашните компании на турскиот пазар. Беше истакнато дека МАТТО спроведува активности во доменот на општествената одговорност, како што се стипендии за средношколци и студенти, при што беше нагласено дека Република Северна Македонија би можела да стане „оаза на образованието“, доколку се олесни влезот на идните странски студенти.
На крајот од средбата, претседателот Џафери истакна дека Собранието на Република Северна Македонија останува отворено за соработка со бизнис-секторот и ги повика претставниците на МАТТО да се обратат до пратениците за сите отворени прашања, бидејќи преку институтот „пратенички прашања“ може да се даде јавност на нивните деловни активности и да се поттикне Владата да ги адресира сите предизвици.

Share